Петрушевски: Пратеници од опозицијата не можат да ја вршат функцијата контролор на безбедносни служби затоа што не им издава сертификат

Нема да дознаеме кој е одговорен за случајот Онишченко и тоа е проблемот на овој безбедносен сектор, се направи реформа на хартија, но реално надлежните не работат како што треба. Ние баравме да видиме дали институциите имаат капацитет да се справат со вакви ситуации“, рече пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ на гостување во емисијата „Топ тема“ што се емитува на телевизија Телма.

Петрушевски укажа дека се сѐ сведува на системска аномалија за да се избегне одговорност.

„Можеби надлежните биле свесни за недостатокот и го користеле истиот. Оттука може повторно да ни се повторуваат исти или слични вакви случаи“, посочи Петрушевски.

Според него треба да има одговорност, но дополнително е спорно што директорот на АНБ не понесе одговорност, туку му истече мандатот. Дополнително, кажа Петрушевски, проблем е што се кријат информации под превезот дека се државна тајна.

„Има и политика во издавање на сертификатите или кога одговара се издаваат брзо, а кога не се одолговлекува. Еве за мене како пратеник член на таа специфична Комисија за надзор на АНБ И Агенцијата за разузнавање беше одолговлекувано издавање на сертификатот. Најдолго во месец дена треба да се издаде, но тоа не се случи и оправдување од сега веќе поранешниот директор беше дека имал многу работа“, посочи Петрушевски.

Пратеникот укажа дека како пратеници не можат да ја вршат улогата на контролор на АНБ и Агенцијата за разузнавање.

Петрушевски се осврна и на дојавите на бомби кои што се случуваат веќе неколку месеци.

„Седницата за дојавите за бомби беше свикана на барање на нас, опозициските пратеници бидејќи веќе неколку месеци чекаме нашите безбедносни сектори да се справат со ваквите предизвици. Веќе неколку месеци ништо не се случува и откако почна веќе во јавноста да се шпекулира со разно разни информации кој е дојавувачот на бомби, откако паниката стануваше се поголема во јавност бидејќи сепак се малтретираат малолетни лица, деца од училишта и поголема е сензитивноста кај родителите по една ваква работа, ние побаравме седница на која што ќе расправаме“, истакна Петрушевски.

Петрушевски додаде дека граѓаните секојдневно се сѐ повеќе вознемирени од овие дојави на бомби. Тој посочи дека може да се побара и помош од странство, затоа пратениците на седницата сакаат да го прашаат министерот дали има побарано помош од странство околу дојавите за бомбите кои што траат веќе неколку месеци.

„Ние сакаме да помогнеме во делот МВР и сите институции да ги зголемат капацитетите за да можат поефикасно да интервенираат против вакви предизвици“, нагласи Петрушевски.

Пратеникот укажа дека барале пратениците седницата да се одвива во два дела. Во првиот дел да се расправа за дојавите на бомбите, но и да се расправа за партизацијата во МВР која што никако да престане. Не може да се очекува луѓе од партија вработени во МВР да откриваат дали дојавите на бомби се лажни или не.

 

Извор: ВМРО ДПМНЕ