ТЕЦ Осломеј превентивно исклучен

Термоелектраната Осломеј од превентивни причини е исклучена од работен режим по забележана појава на вибрации во системот во делот на вентилацијата, кој минатата недела беше зафатен со пожар при самозапалување на јаглен и кој дел подлежеше на санирање. Се вршат повторни проверки од страна на надворешната овластена фирма и се очекува набрзо пречката да биде отстранета и термоцентралата да биде вратена на мрежа.

Нема да има недостиг на електрична енергија во производството на АД ЕСМ, бидејќи капацитетите работат според планот и се компензира секое отстапување на одреден капацитет.

Во текот на вчерашниот ден АД ЕСМ произведе 17.454MWh електрична енергија, што далеку ги надминува потребите на домаќинствата и малите потрошувачи (регулираниот пазар), а покрива и најголем дел од дополнителните снабдувања на субјекти на слободниот пазар, доделени на снабдување на ЕСМ Продажба со посебни одлуки на Владата во текот на енергетската криза.

извор: МИА