Кемал Ататурк имал бугарско потекло, тврди бугарски медиум

Бугарски медиум пишува дека турскиот државник Кемал Ататурк, имал бугарско потекло. Ататурк има бугарско потекло, а тоа е запишано дури и во енциклопедијата на браќата Данчови отпечатена уште во 1936 година, пишува бугарскиот весник „24 часа“.

Се наведува дека родителите на создавачот на турската република биле бугаромухамеданци од Солунско. Во тој крај, наводно уште има луѓе кои тврдат дека се роднини со Ататурк.

„Ние сме бугарски селани од солунско. Не викаат Помаци бидејќи сме ѝ помагале на турската армија во времето на Османлиите. Ататурк е од нашето колено“, тврделе жителите на одринското село Азатли, кое се смета за најнаселено бугарско-мухамеданско село во одринско.

Истражувачот Христо Красин, во книгата „Има ли Турци во Бугарија“ тврди дека Мустафа Кемал е роден во село Себишта во Голо Брдо (меѓу Албанија и Македонија). Во тоа село, вели, живеат само Бугари мухамеданци, а на времето само оџата знаел малку турски. Весникот дури пренесува дека рускиот научник Афанасиј Селишев тврдел дека во целата област нема ниту еден Турчин. Според напишаното, Мустафа е син на охридски трговци, а семејството подоцна од Себишта се преселило во Солун, додека според некоја верзија мајка му била бугарска мухамеданка.

 

vesnik.com