Почина познатата македонска актерка Катерина Крстева

На 85-годишна возраст почина актерката Катерина Крстева, позната меѓу народот како Мара Попара, по улогата во филмот „Во кафулето кај Гене”.

Како што информира Македонскиот народен театар (МНТ), Катерина Крстева е дел од создавањето на историјата на театарската уметност во нашата држава.

– Нејзиниот препознатлив и ведар дух и лик, како и веселост на театарската сцена и ТВ екраните ја направија миленичка на широката театарска, филмска и телевизиска публика, се наведува во соопштението.

Крстева е родена во 1938 година. Како актерка прво била вработена во Драмскиот театар, за во 1964 година да премине во МНТ, каде останува се до пензионирањето. Првата улога во МНТ и е онаа во драмата „Дон Цезар од Базан”, премиерно прикажана во 1965 година.

Нејзини позначајни улоги во МНТ се во претставите „Антица” (1965), „Градскиот саат” (1966), „Ревизор” (1966), „Стапица за осум беспомошни жени” (1966), „Време од вашиот живот” (1967), „Сенка” (1967), „Вител” (1968), „Мајка” (1968), „Без вина виновни” (1968), „Бања” (1968), „Печалбари” (1969). Била дел од „Играта на наредникот Мазгрејв” (1969), „Парите се отепувачка” (1970), „Живиот труп” (1971), „Херкул и оборите на Авгиј” (1971), „Коштана” (1971), „Зајдисонце” (1971), „Фома” (1972), „Животот на Галилеј” (1972), „Децата на сонцето” (1973), „Скуп” (1973), „Хелдерлин” (1973), „Ѕидот, водата” (1973), „Хемиските потписи на човечките организми во воздухот” (1975), „Хеда Габлер” (1976), „Отепвачка” (1976), „Бесови” (1978), „Кенгурски скок” (1979), „Милион маченици” (1980), „Остен” (1981), „Молскавици” (1981), „Граѓанинот благородник” (1982), „Воена тајна” (1984), „Бог” (1984), „Слободни врски” (1984), „Иванов” (1984), „Аудиенција и под нов покрив” (1988), „Рекламна бајка” (1989) и последната „Крик” (1991).

На телевизискиот екран и филмското платно има остварено главни и споредни улоги во сериите и филмовите „Хихирику”, „Театарче лево коше”, „Трст виа Скопје”, „Македонски народни приказни”, „Поштар”, „Простодушна љубов”, „Погрешно време”, „Битолски лакрдии”, „Волшебното самарче”, „Шеќерна приказна”, „Учителот”, „Милион маченици”, „Едно лето”, „Случки од животот”, „Тврдокорни”, „Пред дождот”, „Во светот на бајките”, „Агенција осамени срца”, „Време за плачење”, „Мост” и други.

Меѓу последните улоги и се оние во „Преспав” и „Дедо и внук”.

Погребот на Крстева е денеска во 13:00 часот на градските гробишта во Бутел.

Од МНТ посочуваат дека информацијата за комеморацијата за актерката Катерина Крстева ќе биде дополнително објавена.