Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска имаше средба со амбасадорката на САД во земјава, Анџела Прајс Агелер.
На средбата се потврди долгогодишното стратешко партнерство помеѓу Северна Македонија и САД, како и силната поддршка за евроинтеграциите на Република Северна Македонија. Амбасадорката на САД, Агелер упати јасна порака дека Соединетите Американски Држави и понатаму ќе бидат искрен партнер и пријател на државава, кои ќе даваат поддршка и за реформските процеси на државата со цел да се обезбеди подобар живот за граѓаните.
Исто така, на состанокот се разговараше и за конкретните чекори кои државата ги презема во борбата со корупцијата. Амбасадорката на САД, Агелер потенцираше дека намалувањето на корупцијата влијае врз развојот на државава во сите сфери. Според неа, корупцијата продолжува да го кочи напредокот на државата со тоа што влијае врз забавувањето на економскиот раст.
Премиерот Ковачевски посочи дека судството и обвинителството треба да функционираат независно, а случаите на коруптивни пракси треба да се пријавуваат.
Извор: Влада