Стружанецот Христијан Ковачески го произведе првиот македонски електричен чамец со фотоволтаичен панел

0
309

Иднината на наутиката е во електрификацијата на пловилата вели Христијан Ковачески, еден од сопственците на семејната компанија „Унипласт“ од Струга. Оваа компанија има долгогодишна традиција на дизајн и производство на пластични чамци, а сега развиваат и еколошки, електричен модел.

Ковачески вели дека „Унипласт“ е секогаш во чекор со новите трендови во технологијата и барањата на клиентите на странските пазари, но во моментов работат на дизајн на пловило кое ќе обезбедува енергија со фотоволтаични панели и кое ќе може да се користи и во Македонија.

Унипласт е семејна компанија за производство и развој на производи од полиестер, за автомобилска индустрија и во наутика. Нашиот најнов производ е електричен чамец, и веќе работиме на едно решение во Италија. Идејата за производство на електрични чамци во нашата компанија почнува уште во 2011 година. „Унипласт“ како компанија ја има техничката подготвеност и капацитетот да направи вакво пловило, но нашите производи за жал не можат да се користат во Македонија заради тоа што немаме инфраструктура. Иако полначите и за пловилата се исти како и тие за возилата, кај нас нема ниту еден кој е лоциран во близина на вода, за да може да се користи и за електрични чамци.

Заради тоа во моментов развиваме еден концепт, каде со помош на фотоволтаични панели за полнење на батеријата ќе обезбедиме подолга пловидба. Работиме на избор на батерии од најдобар квалитет, капацитет и цена кои ќе треба да се склопат со панелот и контролерот за да добиеме поголема автономија на чамецот.

Развиваме нов тип на чамец кој ќе има доволно простор да ги прими батериите, во посебен дел заштитен од вода. Истовремено со работата на батериите и фотоволтаиците, кои се во почетна фаза на тестирање, се работи и на дизајнот на новиот чамец за да може тие да се вкопат во новиот продукт. Идејата е со сите тие елементи овој чамец да може да се користи и кај нас, во нашите актуелни услови. Во оваа насока соработуваме со неколку фирми од Италија и Холандија и со домашни експерти. Продуктот кој пред се е наменет за странските пазари, е веќе подготвен и се извезува во овие две земји, каде со помош на нивната инфраструктура лесно може да се трасформира во електричен. Концептот за целосно електричен чамец би бил подготвен за 12 до 18 месеци.

повеќе на inovativnost.mk