28. Светско ракометно првенство во Полска и Шведска

Од денеска до 29 јануари, Полска и Шведска ќе бидат домаќини на 28. Светско ракометно првенство за мажи. Девет градови во двете земји: Краков, Гдањск, Катовице, Плок, Стокхолм, Малме, Гетеборг, Јонкопинг и Кристијанштад ќе бидат домаќини на 32 репрезентации кои ќе бидат поделени во осум групи со по четири селекции. Мундинјалот стартува вечерва (21 часот) со натпревар од групата Б во кој ќе се соочат ко-домаќинот Полска и Франција во Катовице.

Македонската репрезентација ќе игра во Краков, во група Ф која се вбројува меѓу најсилните на Мундијалот. Ривали на македонската репрезентација во групата ќе им бидат селекциите на Норвешка, Аргентина и Холандија.

Во втората фаза ќе се пласираат трите првопласирани од групите и ќе се формираат четири групи (најдобрите екипи од A и B, C и D, E и F, G и H), а во четвртфиналето одат по две од секоја група.

Титулата од последното Светско првенство во Египет одиграно во 2021 година ја брани репрезентацијата на Данска која заедно со олимпискиот шампион Франција и европскиот првак Шведска ќе биде најсериозен кандидат и за годинешната титула.

Македонија стартува в петок (20.30 ч.) на 13 јануари против апсолутниот фаворит Норвешка. Два дена подоцна ќе се соочи со Холандија, а на 17 игра против Аргентина.                                   Во Краков ќе играат и натпреварите од групата А (Шпанија, Црна Гора, Чиле и Иран).                  Салата „Таурон Арена“ во Краков има капацитет од 22.000 места.

Македонија на овој Мундијал ќе настапи подмладен состав. Од поискусните на списокот од селекторот Кирил Лазаров се наоѓаат: Жарко Пешевски, Никола Маркоски, ровитите Никола Митревски,  Дејан Манасков, Гоце Георгиевски, како и Филип Талески, Мартин Томовски и Филип Кузмановски кои веќе имаат искуство од играње на големи натпреварувања. Овие поискусни ракометари ќе ги поведат помладите Цветан Кузманоски, Ненад Костески, Игор Ѓорѓиев, Јагуриновски, Мартин Серафимов, Атанасијевиќ…

 

24info.mk