КОМАРЦИТЕ кои носат денга треска и други вируси развиле зголемена отпорност на инсектициди во делови од Азија и очајно се потребни нови начини за нивна контрола, предупредува новото истражување. Здравствените власти обично користат процес на замаглување на областа зафатена со комарци со облаци од инсектицид за да ги контролираат.
Развојот на нивниот отпор долго време предизвикува загриженост, но степенот на проблемот не е добро разбран. Јапонскиот научник Шинџи Касаи и неговиот тим проучувале комарци од неколку земји во Азија, како и Гана и откриле дека низа мутации направиле некои отпорни на популарните хемикалии базирани на пиретроиди, како што е перметрин.
„Во Камбоџа, повеќе од 90 отсто од комарците Aedes aegypti имаат комбинација на мутации што резултираат со екстремно високи нивоа на отпорност“, рече Касаи за АФП. Тој откри дека некои видови на комарци имаат 1.000 пати поголема отпорност, во споредба со 100 пати поголема отпорност забележана порано.
Ова значи дека нивоата на инсектицид што вообичаено би убиле речиси 100 отсто од комарците во примерокот убиле само околу седум отсто од инсектите. Дури и 10 пати посилна доза убила само 30 отсто од суперотпорните комарци. „Нивото на отпор што го најдовме кај комарците во Камбоџа и Виетнам е сосема поинакво“, рече Касаи, директор на Одделот за медицинска ентомологија на Јапонскиот Национален институт за заразни болести.
Денгата може да предизвика хеморагична треска и да зарази околу 100 до 400 милиони луѓе годишно, иако повеќе од 80 отсто од случаите се благи или асимптоматски, според Светската здравствена организација. Развиени се неколку вакцини против денга, а научниците користеле и бактерија која ги стерилизира комарците за да се справи со вирусот.
Сепак, ниту една опција сè уште не е блиску до искоренување на денгата, а комарците Aedes aegypti пренесуваат други болести, вклучително и Зика и жолта треска. Отпорност е пронајдена и кај друг вид комарци, Aedes albopictus, иако на пониски нивоа – веројатно затоа што се храни на отворено, често со животни, и можеби е помалку изложен на инсектициди од човечкото Aedes aegypti.
index.hr