Владата размислува за увоз на работна сила од странство во земјата, како една од мерките за раздвижување на економијата. Ова табу тема, според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, се очекува да биде отворена годинава, со што ќе се отвори патот за увоз на работна сила за да се зголеми продуктивноста и конкурентноста на економијата. Ова е еден од краткорочните приоритети на коишто се осврна Битиќи на конференцијата „Економски предизвици во 2023 година: Како да го одржиме економскиот раст и ја трансформираме економијата“, во организација на Стопанската комора.
„Ние сме една од ретките држави во која има висока стапка на невработеност, а има недостиг на работна сила.Зголемувањето на платите е добро за зголемување на продуктивноста, но се покажа дека и покрај зголемувањето на платите продуктивноста е уште ниска“, вели тој. Затоа, вицепремиерот укажа дека мора да се смени пристапот.
„Не можеме цело време да се бориме со заштита на нашата работна сила која е невработена, а при тоатие да одбиваат работа и економијата да трпи.Не можеме да имаме ни јавни инвестиции ако немаме увоз на работна сила во земјава. За жал таква е состојбата и ние еднаш за секогаш мора да се справиме со тоа“, посочи Битиќи. Тој оцени дека досега недоволно сме направиле за економијата да биде конкурентна на глобално ниво. „Имаме недостатоци или сме многу увозно зависни или имаме недостаток на доволно ресурси без разлика дали човечки или други и не секогаш имаме доволно јасни, прецизни и навремени политики“, истакна вицепремиерот за економски прашања.
Покрај увозот на работна сила, според него, потребни се и уште неколку други краткорочни мерки со цел да не се дозволи да влезе земјата во рецесија. Како прв краткорочен приоритет е задржувањето на инфлацијата на стапките кои се предвидуваат, втор – справувањето со енергетската криза, а трет краткорочен приоритет е одржувањето на ликвидноста на компаниите.
Економистите на денешната конференција ги изнесоа своите прогнози за економските предизвици во 2023 година. Претседателот на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања на Стопанската комора, Глигор Бишев верува дека првите позитивни сигнали на забавување на растот на цените до кои дојде во САД и еврозоната, во претстојниот период ќе се почувствуваат и во Северна Македонија.
Според Бишев, можно е натамошно зголемување на каматите со цел домашната потрошувачка да се сведе на ниво кое ќе доведе до рамнотежа со понудата на стоки и услуги. „Растот на каматните стапки е процес што се одвива во сите земји со оглед дека инфлацијата е глобална, не нѐ погодува само нас. На тој план, клучното прашање е како да се зголемат каматните стапки, да се намали потрошувачката и на тој начин да се забави инфлацијата и да се намалат инфлаторните очекувања без тие значително негативно да влијаат врз инвестициите“, вели тој.
На светско ниво и во Македонија, додава Бишев, можно е да очекуваме натамошно зголемување на каматите со цел домашната потрошувачка да се сведе на ниво кое ќе доведе до рамнотежа со понудата на стоки и услуги и да се вратиме на ниво на инфлација која ја памтиме во последните десетина година.
Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека пред нас повторно е година со предизвици. „Можеме да поддржиме раст преку реформи и зголемување на инвестициите во инфраструктурата. По ковидот беше најавено дека ќе живееме во една нова нормала, а тоа е да се креира раст во време на кризи. Глобалните проекции има ревидирање надоле за глобалната економија во 2023 година, а ние и во овие услови проектираме дека ќе има повисок раст од 2022 година“, рече Бесими.
Растот во 2022 година беше 2,7, а за годинава се планира раст од 2,9 отсто.
Народната банка очекува инфлацијата годинава да се стабилизира, да забави и да изнесува 8 до 9 проценти. „Нашето основно макроекономско сценарио е дека двоцифрената инфлација од минатата година постепено ќе се стабилизира и ќе забавува. Оваа година очекуваме да изнесува 8 до 9 проценти, а на среден рок да продолжи да забавува, без притоа економијата да влезе во рецесија“, вели гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
Но, според неа, има важни претпоставки за ова сценарио да се оствари. Пред се, многу е важен глобалниот контекст кој се уште е многу неизвесен. „Колку економијата е трговски поотворена и по увозно зависна особено во енергетскиот сектор, како што е македонската, толку шокот од кризата е поголем“, вели таа.
Дојче Веле