Бугарскиот парламент нема денеска да расправа за состојбите во Македонија, откако утрово од дневниот ред е симната точката по која требаше да биде сослушан министерот за надворешни работи Николај Милков. Министерот не дојде во парламентот, а медиумите очекуваа тој да изнесе детали во врска со физичкиот напад врз охриѓанецот Христијан Пендиковски и активностите на бугарското МНР поврзани со овој случај, но и во врска со други случаи поврзани со отворените бугарски клубови во Македонија, како и генерално за односите Сфија – Скопје.
Предлогот за ставање на оваа точка како трета на дневниот ред на денешната седница беше на барање на партијата Преродба и на собраниската комисија за политики за Бугарите во странство.
Потпретседателот на бугарскиот парламент Росен Жељазков на почетокот на седницата соопшти дека добиле допис од МНР дека поради службено патување на Николај Милков надвор од државата, дебатата мора да биде одложена.