Врховниот суд на РСМ би можел во наредните денови да одлучува за Барањето за вонредно преиспитување правосилна пресуда 09 КОК-30/17 од 31 март 2020 година и против пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр.70/20 од 8 април 2022 година, со која на Владимир Талевски за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик му беше изречена казна од 7 години затвор, дознава plusinfo.mk.
Од 9 јануари 2023 година осудениот Талевски изречената казна затвор ја издржува во КПД Затвор Прилеп. Неговиот бранител, адвокатот Димитар Дангов, на 6 февруари 2023 година до Врховниот суд поднесе Барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, заедно со Барање за одложување на извршување на правосилната пресуда.
Ќе постапи ли Врховниот суд по насоките од Судот од Стразбур?
Во меѓувреме, Европскиот суд за човекови права од Стразбур се произнесе во врска со жалбите на жалителите од Македонија. На 16 февруари 2023 година, Судот во Стразбур донесе Решение бр.77796/17, со кое ги оцени жалбите како преуранети и ги упати жалителите, меѓу кои и обвинетиот Талевски, да ги исцрпат сите правни лекови кои им стојат на располагање. На националните судови Стразбур им даде насоки кога ќе одлучуваат по ова прашање, да не се раководат само од домашното право, туку директно да ја применат Европската конвенција за заштита на човековите права и да испитаат дали Претседателот на Републиката, кога ги употребил своите овластувања кои се однесуваат на одлуките за поништување на одлуките за помилување, им ги повредил правата на жалителите врз основа на член 6 од Конвенцијата. Стразбур препорачува ваквото преиспитување да биде сеопфатно и да ги вклучи сите аспекти на член 6 од Конвенцијата кои се релевантни за утврдување на кривичните обвиненија против жалителите.
Во петокот минатата недела Дангов го дополни своето Барање за вонредно преиспитување правосилна пресуда, со поднесок во кој го потсети Врховниот суд на аргументите од жалбата на Талевски. Одлуката на Врховниот суд за овој случај („Транспортер“) ќе биде многу важна, како за судбината на осуденикот, така и за сите други случаи во кои македонските судови ќе одлучуваат според насоките на Судот во Стразбур. Како што е познато, одлуките на Врховниот суд на некој начин се сметаат за правни прецеденти и извор на правото во Македонија.
Плусинфо детално пишуваше за сите аспекти на Решението на Европскиот суд за човекови права од 16 февруари и за можните последици врз начинот на кој ќе одлучуваат македонските судии.
Текстот во целост на: plusinfo.mk