Уставниот суд денес треба да донесе конечна одлука во врска со предметот со кој е оспорена одлуката на општина Центар од 2014 година за Деталениот урбанистички план Градска четврт Ј07 локалитет Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара, изработен од планерската куќа „Билд“, објави porta3.mk.
На седницата која се одржа на 16 ноември 2022 година Уставниот суд поведе постапка и во меѓувреме го запре извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената Одлука, односно воведе таканаречена „времена мерка“.
Причината за ваквата одлука е тоа што во иницијативата до Судот било посочено дека одлуката на Советот на Општина Центар за ДУП Ј07 не била донесена со потребното мнозинство, согласно Законот за локална самоуправа. Наместо со неопходни минимум 12 гласови, седницата на Советот на која се постапувало по оспорената одлука биле присутни 12 членови од вкупно 23 членови на Советот на Општина Центар, при што „за” гласале 11 членови, а само еден гласал „против”.
Инаку, ДУП Ј07 подолго време е актуелен во јавноста поради обидите за градежен упад во шумата на Водно, за кои јавноста слушна и во„бомбите”.
Грдоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во јуни годинава соопшти дека се стопираат сите градежни дејствија за овој план, кој ги опфаќа и атрактивните парцели на Водно до кои нема пристапен пат, а за кои жителите од тој дел на населбата долго време реагираат на обиди за градежен упад во шумата.