Шпанката Марија Бранјас Морера, родена во САД, е прогласена за најстара личност на светот според Гинисовата книга на рекорди, по смртта на француската калуѓерка Андре порано овој месец на возраст од 118 години.
Морера последните 22 години ги минала во старечки дом во Каталонија во Шпанија, но родена е пред речиси 116 години илјадници километри подалеку, во Сан Франциско.
Нејзиното раѓање на 4-ти март 1907-ма година се случило помалку од четири години откако браќата Рајт го лансирале првиот лет некогаш на моторен погон и две години пред воопшто да почне изградбата на несреќниот Титаник.
Ги преживеала хорорите на двете светски војни, граѓанската војна и две глобални пандемии.
Иако само неколку недели ја делат од нејзиниот 116 роденден, Морера користи Твитер – со мала помош на својата ќерка – за комуникација со своите пријатели.
„Стара сум, многу стара, но не сум идиот“, пишува во нејзината биографија на Твитер.
Морера е родена една година по откако нејзините родители емигрирале во САД. Осум години подоцна, семејството се вратило, но за жал, со последици.
Таткото на Марија починал од белодробна туберкулоза пред крајот на трансатлантското патување, додека таа трајно го изгубила слухот на едното уво по еден пад.
Пристигнале во Барселона во текот на Првата светска војна, а животот на Морера исто така ги опфатил и Шпанската граѓанска војна и Втората светска војна.
Се верува дека е меѓу најстарите луѓе кои закрепнале од Ковид-19, бидејќи била позитивна на вирусот во мај 2020-та година.
Во низата твитови на каталонски во саботата, Морера, која има три деца, 11 внуци и 13 правнуци, изјавила дека е изненадена и благодарна за интересот кој го предизвикал нејзиниот нов твит, но дека последните неколку дена биле стресни и повеќе не би давала интервјуа.
„Потребни ми се мир и спокојство“, напишала на Твитер, и додала дека не сака да ѝ се промени животот кој го живее со персоналот кој се грижи за неа.
На Твитер често споделува животни мудрости, па така на првиот ден од 2023-та година, пратила единствена порака:
„Животот за никого не е вечен … Во моите години новата година е подарок, скромна прослава, нова авантура, убаво патување, момент на среќа. Да уживаме во животот заедно“.
tocka.mk