Има надворешни фактори кои не сакаат Бугарија и Македонија да бидат во добри односи. Тоа се сите оние луѓе кои не сакаат Македонија да биде дел од Европската Унија. Тоа се оние кои не сакаат нашата земја да има влијание, бидејќи наметнувањето на вето значи дека Бугарија нема пријатели на Балканот, во ЕУ. Ова го изјави европратеникот Илхан Ќучук за „БТВ“.
Ќучук е категоричен дека мора да инсистираат во РСМ да има владеење на правото и високи демократски стандарди.
Сè додека не се признаваат правата на луѓето кои се сметаат за Бугари во РСМ, тензијата ќе продолжи. Дополнително, ние сме во ЕУ веќе 17 години, а не можевме да се приклучиме на блокот за важните теми, вклучително и обезбедувањето воена помош за Украина, како и во клучните реформи на ЕУ, рече Ќучук.
Според европратеникот, бугарското ниво на учество паѓа, а нивниот капацитет е многу слаб. Бугарија е секогаш на 27 место и никогаш не предлагаме иницијативи, не учествуваме во блокови, не одиме со предлози до Европскиот парламент, вели тој.
Ќучук е категоричен дека имаат интерес помеѓу Бугарија и Македонија да нема ѕидови, туку да се градат пријателства.
Треба да се поттикнат сите обиди за намалување на тензиите, а тоа не се однесува само на бугарската држава, важи и за Скопје, нагласи тој и наведе дека наместо Бугарија да ги прекине врските со РСМ, треба да се најде решение за проблемите.
Во однос на Шенген, тој е категоричен дека не треба да се молат, туку да работат за влез на Бугарија во Шенген зоната.
Извор: „БТВ“.