DW: Законот за здруженија – „пречка“ за историската комисија?

На минатонеделната седница на бугарската собраниска Комисија за надворешна политика, едногласно беше усвоена декларација која треба да се достави на гласање пред Народното собрание. Во неа се вели дека се осудуваат случаите на насилство кон Бугарите во Северна Македонија, нивните организации и клубови, и особено тешкото дело против Бугаринот Христијан Пендиков, објави DW.

Со оглед на најавеното распуштање на бугарското собрание на 3-ти феруари, заради избори на 2-ри април, остануват три дена во кои парламенот би расправал за посочената декалрација. Таа содржи 9 точки, а во шестата се посочува дека измените во македонскиот Закон за здруженија и фондации се пречка за работата на заедничката Комисија за историски и образовни прашања.

„Се противи на измените во Законот за здруженија и фондации од 2022 година, кои дискриминaциски и намерно го ограничуваат правото на здружување на Бугарите во Северна Македонија. Тие промени може да ги попречат и да ги предодредат активностите на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања формирана со договорот од 2017 година, за одредени периоди и личности“, се вели во декларацијата.

Македонското Собрание лани изгласа измени на Законот за здруженија и фондации, со кои се засегнати бугарски здруженија со имиња на спорни историски личности, кои се поврзуваат со фашизам, како што се „Иван Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид. Здруженијата кои се именувани по спорните личности, имаат законски рок да ги усогласат имињата. Бугарското МНР лани реагираше дека таквите законски измени ќе го ограничат правото на здружување на Бугарите во Македонија, а шефот на бугарската дипломатија минатата недела тие измени ги нарече „законодавна репресија“.

Дали и како посочените законски измени може да ја „попречат или предодредат“ работата на Комисијата за одредени периоди и личности, како што се посочува во декларацијата?

„Нема никаква логика да се поврзе работата на Комисијата со измените на Законот за здруженија и фондации“, вели за ДВ копретседателот на македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев.

 

Текстот во целост на: DW