Егејското бегалско наследство и отвореноста за светот

Кога еднаш ќе се напушти татковината, во која останале само гробовите на предците, потрагата по „дома“, каде тагата ќе замре, никогаш не завршува. Пишува Кица Колбе

Кога се одлучив да пишувам за оваа тема, одеднаш, среде зима, за миг се најдов во претоплата скопска ноќ во доцните педесетти во Скопје. Го видов блесокот на ѕвезденото небо врз егејското гето близу Автокоманда. Тоа беа горештите летни ноќи, во кои никој не можеше да спие во прегреаните одајчиња бегалски. Затоа и децата смееја да останат будни. И понекогаш, надвор, под ѕвезденото небо, да ги гледаат руските цртани бајки! Нашите први комшии, штотуку доселената егејска фамилија од Ташкент во Скопје, со себе беа донеле кинопроектор. Во таквите скопски тропски ноќи, кога сите соседи бдееја, чекајќи да залади за да си легнат, доселеникот од Ташкент ненадејно го поставуваше кинопроекторот среде двор. Тогаш децата и возрасните набрзина изнесуваа столчиња. Ги редеа во неколку редови, седнуваа, и за миг дворот стануваше летно кино. Затоа што спикерот ја раскажуваше приказната на руски, жената на соседот стоеше крај публиката и преведуваше на македонски. Тоа беше само еден од начините за егејските деца да ја доживеат магијата на странските јазици, магијата на туѓото и непознатото. Впрочем, во моето егејско секојдневие често можеше да се чуе романски или полски. Многу од нашите егејски роднини и пријатели војната ги беше однела најнапред во Советскиот Сојуз, во Полска и во Романија. Кога по некоја година, со помош на Црвениот крст, роднините од Источна Европа почнаа да се прибираат на „купче“, што на костурскиот дијалект на моите баби значење „заедно“, во Скопје, тие ги донесоа со себе и тамошните јазици. Така тие јазици станаа дел од нашето егејско бегалско наследство. Помладите двајца браќа и сестрата на мајка ми, кои од 1948-та до 1955 беа во детски дом во Романија, кога дојдоа во Скопје често се криеја во одајчето на баба ми. И си шепотеа нешто скришно меѓу себе. Скришно ми звучеше мене, на петгодишното девојче, непознатиот јазик на кој мрмореа. Дека освен нашиот мајчин јазик постојат и други јазици научив многу рано од обичајот на татко ми и мајка ми, секогаш кога сакаа да си кажат нешто скришно од децата, да зборуваат на грчки. Меѓутоа романскиот јазик на вујко ми и тетка ми за мене немаше име. Затоа беше смешен, како што беше смешно кога ние децата глумевме дека зборуваме англиски.

Како куфери…

Кон крајот на педесеттите многу наши егејски роднини тргнаа на долгиот пат преку океанот, во Америка и во Австралија. За да се соберат „на купче“ со таткото и сопругот, кој уште од Грција заминал на печалба. Тие планови се правеа со години. Тажни беа тие планови, зашто во светот се заминуваше со брод, на долго патување преку океанот. Уште потажно беше што сите знаевме дека тие роднини нема никогаш повеќе да ги видиме. Никогаш повторно не го видов вујко ми што замина 1956-тата во Австралија. Притоа, немаше ниту една од роднинските фамилии што успеа да се собере „на купче“ во новото „дома“, преку океанот или во Скопје. Впрочем најскапоценото „дома“ беше тоа напуштеното во Граѓанската војна, во Егејска Македонија. Тоа кое беше изгубено засекогаш. Таму беа останати понекогаш родителите на тие кои како деца беа однесени во детските домови во Источна Европа. Од татковата фамилија „зад границата“ беа останале фамилиите на најстариот брат и на двете сестри. Од мајкината фамилија „дома“, во Егејска Македонија остана само сестрата на дедо ми и нејзиниот син. Тој во Граѓанската војна беше регрутиран во грчката армија. Со нив се видовме дури кон крајот на шеесеттите, кога нѐ посетија во Скопје.

– повеќе од авторката: „Видливоста“ на писателките во медиумската и литературната бранша

Затоа што животот ги „тркалаше“ моите егејски роднини како куфери од држава во држава, сите постојано стравуваа од тоа да не им се случи повторно некој од тие што се „на купче“ во Македонија, да се „распади“ во светот. И, сепак, денес од сите страни на светот ми се јавуваат луѓе со егејско потекло. Луѓе како мене, родени во Југославија или во земјите од Источна Европа, пораснати во македонските егејски гета. Ќерката на најдобрата пријателка на мајка ми од младоста во Бапчор, живее одамна во Шпанија, како што јас живеам веќе неколку децении во Германија. Нашите мајки, додека беа живи, во Скопје се среќаваа за да си ја раскажуваат тагата по своите ќерки, заминати во светот. Така, како што моите егејски баби си ги раскажуваа една на друга писмата од синовите заминати во Австралија и Америка. Нашето егејското наследство е и способноста совршено да се интегрираме во новата средина. Да го прифатиме туѓиот јазик со сето срце, за да стане нашиот втор мајчин јазик. Затоа што ние, егејските деца, никогаш не го заборавивме восхитот за туѓите јазици, додека во егејското гето во Скопје ги слушавме нашите тетки и вујковци како си шепотат скришно важни нешта на еден по малку смешен јазик.

 

 

Dojce Vele