Започнува екстремно топол бран во Македонија – Температури над 40 степени, екстремно висок Ув индекс и тропски ноќи пред нас

Територијата на нашата држава се наоѓа под влијание на екстремно топла воздушна маса која продира од северните предели на Африка и истата условува натпросечно високи температури на воздухот за овој период од годината. Времето и понатаму во следните денови ќе биде стабилно, суво и сончево со појава на мала локална облачност, а утре повремено ќе засилува ветер од северен правец.

Температурите насекаде во Македонија ќе надминуваат 30 степени, а во поголем  дел тие ќе се искачат  и до околу 35 степени, додека во најтоплите централни и југоисточни предели, како и во Скопската котлина тие локално ќе се искачат до, па и над 40 степени. Ув индексот ќе има екстремно висока вредност и ќе изнесува коефициент околу 9 до 10.

Сепак во недела кај нас атмосферата во попладневните часови се очекува да се дестабилизира, па така локално ќе има развој на нестабилна облачност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Поради присуството на оваа екстремно топла воздушна маса од Африка која ја исполнува атмосферата со многу енергија, локално се очекува  и појава на силно невреме со силен пороен дожд, силни грмежи и електрични празнења, силен ветер и со појава на град кој во ваква ситуација би бил и крупен.

Исто така, за време на викендот на Балканскиот Полуостров постои опасност дури и од појава на Суперќелијски облаци и силни невремиња. Овие Суперќелии можат да условат дури и појава на торнада во одредени делови.

Да напоменеме дека пред нас се и тропски ноќи, односно во Македонија на повеќе места температурите  и преку ноќ нема да се спуштаат под 20 степени, а во најтоплите централни и југоисточни предели тие ќе се движат и до околу 25 степени.

Апелираме граѓаните да не излегуваат во најтоплиот дел од денот, и тоа од 11 до 17 часот, и да се пие повеќе течности, стои во најновата анализа од метеопрогнозерот Славчо Попоски.

 

meteoalarm.mk