Драган Мијалковски некогаш жареше и палеше по македонските и тогашните југословенски фестивали на забавни мелодии. Без него не се можеше.
Победуваше најмногу во Скопје, но се китеше со награди и популарност и преку настапите во Белград, Загреб, Сараево, Сплит и Опатија.
Зад него се илјадници концерти долги турнеи и настапи на фестивали и многу песни кои слушателите и денес ги обожуваат, пеат и сакаат одново да ги слушнат.
Драган Мијалковски роден е 1950 година и зад себе има долга кариера од над педесет години. Почна со забавната , се сврте кон народната а компонира и детски песни.
Во едно интервју кое е објавено во text.mk, пишува дека Драган бил штитеник во дом за деца без родители, и тоа во Загреб, а тој објасни како тоа се случило:
– Не дека немав родители, но тие беа разведени, па не можеа да ме чуваат. Мајка ми се вратила во Скопје во 1952 година, а татко ми останал во Хрватска на служба, а судот ме доделил нему, кога сум имал две години.
И тогаш тој ме дал во еден дом за деца без родители во Загреб, дом што го посетувала и Мајка Тереза. Подоцна, кога се отвори музејот, а и дојдов до некои монографии, прочитав дека навистина сум бил таму.
А, дома имам една дописна картичка од милосрдните сестри кои мајка ми ги прашува за мене, а тие и одговараат на хрватски јазик: „Вашиот син Драган повеќе не е кај нас, Министерството за здравство на Хрватска го даде на посвојување во едно семејство“.
Тоа го прочитал таткото на мајка ми, кој има работено во суд и викнал: „Што е ова, има ли закон, па барем да нè прашаат нас?“ Познати наши судии и правници му објасниле дека по сојузен закон мора мајката да се праша, иако судот одлучил да бидам кај таткото.
Се качуваат во воз заедно со мајка ми, навредени од постапката и одат кај министерот и му велат: „Ние не излегуваме од канцеларија, овде ќе јадеме, пиеме и спиеме додека не го донесете Драган“. Три дена поминале, ме носат назад и потоа моите ме земаат и ме носат во Скопје.
Затоа јас имам свој мотив, а не дека сум бил заинтересиран за пораст на мојата популарност или за моето естрадно битисување, таму сум бил по човечка линија, по линија на страд алник и затоа и така влегував во тоа секогаш несебично“, кажал Мијалковски.
ex-yu.club