Спасовски од „Свети Спас“: Гоце Делчев – ликот и делото на македонскиот цивилизациски напредок

Интегрална честитка од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по повод денот на раѓањето на великанот Гоце Делчев:

Гоце Делчев – ликот и делото на македонскиот цивилизациски напредок

Со длабока почит кон неговите лик и дело, како дел од делегацијата на Владата на Република Северна Македонија, се поклонувам пред вечното почивалиште на македонскиот великан Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“, по повод 151 – годишнина од неговото раѓање. Гордост, вознес и трепет ми удираат во дамарите како негов потомок, како син на Македонија, како ученик кој има уште многу да впива од Учителот.
А Учителот, чедо на Никола и Султана, рожба на епохата во која живеел, како никогаш досега одново бранува и, истовремено, порачува на обединување, достојно на визијата и мудроста со која живееше, и самиот калејќи се од идеите и искуствата на европските и балканските демократи. И како никогаш претходно ги впиваме неговите зборови искажани во Преспа, во далечната 1901 година: „Македонија им припаѓа на сите Македонци, без разлика на религијата, нацијата и јазиците, во утрешна слободна Македонија и преку неа ќе се здружат сите балкански народи“, задоволни што го испочитувавме неговиот аманет, развивајќи општество за сите, држава која на дело ги негува добрососедските односи и ни за миг од вид не ја губи големата слика на мост за добросостојба на регионот.

И по повеќе од еден и пол век од раѓањето на овој голем македонски револуционер, уставотворец и државник, тој останува синоним за храброст и посветеност, просветителство и лидерство. Големиот познавач на военото организирање, а по идеолошка определба – пацифист, со своите специфики небаре ја исцрта иднината на својата татковина, како што му доликува на еден апостол на македонскиот народ во борбата за самостојност и за национална држава. И сѐ уште ни држи лекции кои се нашиот патоказ кон иднината.
Гоце Делчев е на пиедесталот од македонскиот Пантеон, кој со своето дело обединува и инспирира многу пошироко од границите на современа Северна Македонија – „Културниот натпревар” на Гоце е всушност визионерски предвесник за обединета Европа, половина век пред да се појави како идеја на европско тло.
Впрочем, тоа го знаеше и Пејо Јаворов, негов современик, соборец и прв биограф на Делчев, кој ќе рече „македонскиот народ го гледаше во неговото лице најблискиот, најверниот, најсаканиот свој учител, пријател и син“.

Се чини никогаш и не бил посилен одекот на повиците на Гоце за единство, за неопходноста од застапување на вредностите коишто и тој ги застапуваше во борбата за слобода и македонска државност.

Идеалите и заложбите на овој великан ги продолжуваме остварувајќи го вековниот сон за слободна, демократска и економски напредна земја, како дел од најмоќните светски сојузи НАТО и ЕУ, никогаш не дозволувајќи некој да спори за нашиот македонски идентитет, посебност, јазик, култура и традиција.

„Ќе удри утринската зора и за нас…” – Гоце Делчев

Нека му е вечна слава на великанот Гоце Делчев!

извор: МВР