Спречен терористички напад во Белгија – маж планирал да ги убие девојките на изборот за Мис на Белгија

Терористички напад е спречен во Белгија во пресрет на изборот за Мис на Белгија, откако маж (40) планирал да ги „убие сите“ на свечената манифестација, јавуваат белгиските медиуми.

Како што пренесува „Нујзблат“, уапсен е маж со два пиштоли – едниот во џебот, другиот во изнајмен автомобил „тесла“.

Полицијата во областа Лимбург била свесна за намерите на мажот пресретнувајќи порака од негов познаник, додава „Либр“.

Човекот е уапсен, имал два пиштоли. Сакаше да изврши напад, планираше да направи нешто што можеше да заврши многу лошо, а имаше и панцир – изјави Ерик ван дер Сипт од државното обвинителство.

Натпреварот се одржа во Адинкирк, во близина на француската граница.

На местото на изборите беа забележани голем број полицајци, а организаторите сепак решија натпреварот да се одржи, но тој почна доцна.

Белгиските медиуми јавуваат дека кај терористот биле пронајдени одредени хемикалии, но не се познати повеќе детали.

извор: Република