Превозниците ќе одлучуваат дали да ги зголемат цените за превоз на патници

0
237

Превозниците на патници засега не ги поскапеа цените на превозот, но за в понеделник имаат закажано состанок на кој ќе бидат донесени заклучоци како ќе делуваат понатаму, изјави Јован Матеничарски, претседател на Здружението на превозници Транспорт Легис.

Според Матеничарски, најавените мерки од Владата нема многу да им помогнат на превозниците, кои, како што вели, нема да можат да ги следат цените на горивото и нивната промена на дневно ниво и да вршат постојани промени на цените на услугите.

„Уште поголем проблем овие денови е и намалувањето на бројот на патниците“, изјави Матеничарски.

Превозот на патници, укажува тој, е една од најпогодените гранки во државата уште од почетокот на здравствената криза, со оглед на редуцирањето на бројот на патници.

„Имаше случаи во автобус да нема ниту еден патник, а трошокот за гориво, патарини и другите трошоци за возачите и амортизацијата на возилото мораше да се покријат. Во врска со сегашната ситуација со зголемувањето на цената на горивото, превозниците се во уште понезавидно ниво, бидејќи промената на цените на дневно ниво не може да се следи и со промена на цените на превозот“, рече Матеничарски, посочувајќи дека за евентуална промена на цените на билетите треба да бидат известени автобуските станици, како и патниците.

 

извор/фото: Радио Слободна Европа