Средба на рускиот и иранскиот претседател, додека беснее војна на Блискиот Исток

0
21

Рускиот претседател Владимир Путин денеска (11 октомври) се сретна со неговиот ирански колега, Масуд Пезешкијан, додека кризата на Блискиот Исток се заканува дека може да излезе од контрола.

Средбата е во Ашхабат, на маргините на конференцијата во главниот град на строго контролираната централноазиска земја Туркменистан. Ова е прва од двете средби меѓу двајцата, а следна е закажана на самитот на БРИКС во рускиот град Казан, кој ќе се одржи од 22 до 24 октомври.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред средбата изјави дека иако разговорите ќе се фокусираат на билатералните односи, „ситуацијата на Блискиот Исток дефинитивно нема да биде игнорирана и исто така ќе биде на дневен ред“.

Средбата е прва меѓу двајцата претседатели откако Пезешкијан ја презеде функцијата на 30 јули, по победата на изборите за наследник на Ебрахим Раиси, кој загина во хеликоптерска несреќа во мај.

Односите меѓу Москва и Техеран се зајакнаа откако Кремљ ја почна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Од раните месеци на војната во Украина, Русија беше обвинета за користење на беспилотни летала Шахед и Мохаџер-6 од иранско производство, од кои многу беа пронајдени откако беа соборени над украинските градови и боишта.

Иран првично негираше дека ја вооружува Русија пред да попушти и да признае дека ѝ доставил „ограничен број беспилотни летала“ на Москва пред војната.

 

slobodnaevropa.mk