Министерката за образование и наука Весна Јаневска соопшти дека ќе има поголем буџет за образование и наука во 2025-та, а најави и дека наскоро ќе биде постигнат договор со СОНК и покачување на платите на наставниците годинава.
„Сè уште сме во фаза на преговори. Очекувам за релативно време дека ќе постигнеме договор и тој ќе биде сериозен и повеќегодишен. Се уште разговараме за можностите во буџетот, но она што СОНК го бара мислам дека ќе можеме да го реализираме со тек на време. Очекувам дека и годинава ќе има покачување на платите на наставниците за разлика од пред неколку месеци кога можностите речиси беа исцрпени, сега веќе се појавуваат реално можности за покачување на платите на наставниците“, рече Јаневска.
На прес-конференција за сто дена од работењето на Владата, Јаневска рече дека МОН дискутира со Министерството за финансии за поголем буџет за идната година за кога, рече, е предвидено зголемување и на средствата за наука, пред сè за научните институции.
slobodnaevropa.mk