МКД.МК: Хакерите бараат откуп од 20.000 биткоини да му ги вратат податоците на ФЗО

Откуп од 20.000 биткоини бараат хакерите за да му ги вратат сите податоци на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), дознава МКД.мк од свои неофицијални извори од оваа институција. Од Министерството за внатрешни работи велат дека таков податок немаат. Според нашите информации во оваа институција е хаос за да се средат податоците, а наводно хакерите побарале огромни суми во виртуелна валута за да ги вратат сите податоци. Од Фондот, пак, уверуваат дека анализата на експертските технички тимови утврдила дека при сајбер нападот нема одлевање на податоци надвор од базите.

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) денес информираше дека во координација со јавните здравствени установи, се очекува потребната документација за исплата на плати да се прибере најдоцна до понеделник, а со цел во текот на идната недела да биде исплатата на платите.

Во меѓувреме, велат од ФЗО, ангажирани се стручни лица и од надвор за надминување на проблемот со системот поради сајбер нападот од минатата недела поради што доцни и исплатата на пари за породилни отсуства, за боледувања и рефунцирање на лекови.

Од Фондот велат дека ги користат сите расположливи капацитети и знаењата на сите внатрешни и надворешни ИТ експерти за кои постои правна можност, а со привремените решенија кои Фондот ги операционализира во кус рок, се надминуваат дел од проблемите, особено и се овозможува функционирање на системот во услови на сајбер напад.

„Во оваа прилика би сакале да ја искористиме можноста и повторно да потврдиме дека анализата на експертските технички тимови утврди дека при сајбер нападот нема излевање на податоци надвор од базите на Фондот. Воедно напоменуваме дека, во однос на исплатата на боледувањата, породилното отсуство и рефундацијата, со ставање на системот во целосна функција ќе бидат исплатени сите обврски на ФЗО кон осигурениците, но и кон здравствените установи. Подрачните служби на Фондот функционираат согласно препораките и во континуитет ги примаат барањата, а контролорите од ФЗО веќе и започнуваат со контроли на терен врзани со спроведувањето на сите споделени упатства и насоки за работење”, се посочува во соопштението.

Од Фондот наведуваат дека сите осигуреници непречено можат да се обратат до подрачните служби кои се достапни и телефонски преку јавно објавени линии за информации за осигурениците, и да добијат информации во врска со сите решенија кои се усогласени со матичните лекари, а преку кои осигурениците можат да ја остварат здравствената заштита.

„Фондот навремено и постојано ќе ја информира јавноста за сите нови утврдени информации кои се од интерес на граѓаните”, се посочува во соопштението.

Текстот во целост на: МКД.мк