Седум лица се уапсени во Бугарија еден ден откако во напуштен камион беа пронајдени телата на 18 мигранти

0
164

Седум лица се уапсени во Бугарија еден ден откако во напуштен камион во близина на главниот град Софија беа пронајдени телата на 18 авганистански мигранти, соопштија бугарските власти денеска.

Бугарското Министерство за внатрешни работи соопшти дека камионот превезувал 52 мигранти и дека преживеаните, некои во екстремно лоша состојба, биле пренесени во болниците во Софија за итна медицинска помош.

„Тие страдаат од недостаток на кислород, облеката им е влажна, смрзнуваат и очигледно не јаделе со денови“, соопшти министерот за здравство на Бугарија.

Бугарски државјанин за БТВ изјавил дека случајно поминувал покрај камионот и мигрантите надвор од возилото побарале помош од него. Камионот бил оставен покрај автопат во близина на Софија, а возачот побегнал, информираат од МВР.

Надлежните работат на утврдување на точната причина за смртта на 18-те лица и на патот по кој се движел камионот. Според информациите од надлежните, авганистанските мигранти најверојатно патувале од Турција на пат кон Западна Европа.

Австрискиот канцелар Карл Нехамер неодамна ја посети бугарско-турската граница, каде што рече дека се потребни 2 милијарди евра за проширување на оградата долж надворешната граница на ЕУ за да се намали миграцискиот притисок кон Европа.

Неуспехот да се справи со миграцијата, Виена го наведе како пречка за прием на Бугарија и Романија во Шенген зоната за патување без пасоши.

Извор: slobodnaevropa.mk