Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во однос на случувањата со Фондот за здравствено осигурување и непојавувањето на директорката две недели во јавноста, во вчерашното гостување на „Само вистина“ на Канал 5 телевизија истакна дека тоа е исто како кога тој би имал проблеми со функционирањето на општината, да се крие од јавноста, или пак да генерира некоја услуга која не ја извршува до крај како локална самоуправа и да бега од граѓаните, што е недозволиво.
„Апсолутно, треба да се соочиме со реалноста, ако во фондот има реални, а има реални проблеми тогаш директорот треба да излезе и да даде отчет што тоа се случува и да побара решение за истиот проблем, но тоа да не го крие од граѓаните бидејќи Фондот е на граѓаните. Јас денеска го поминав своето време заедно со член од моето семејство на дел од клиниките и тоа што можев таму да го видам е дека луѓето работат. Ние имаме систематски проблеми не само во здравството, секаде во државата. Но, првенствено во здравството. Така се поставени работите да едноставно мора да чекате, мора да стоите, инаку луѓето се сите ангажирани, почнувајќи од лекарите, техничкиот персонал, и разговарав со луѓето што точно се случува општо незадоволство е, кај сите. Реакцијата нивна е апсолутна прифатлива за мене, мислам дека треба да се стави на крај на тоа, не може вие да работите да давате услуга, а да не зимате плата за тоа. Ова го нема ни во Африка. Само потврдува ваквата состојба дека Македонија од ден на ден тоне, дека власта е толку кревка на стаклени нозе“, рече Димитриевски.