Призма:Тајни хонорари во министерството со кое управува Артан Груби

Во една од последните изградени барокни згради во центарот на Скопје се наоѓа најмладото министерство во Владата, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Таму работат над 350 луѓе, а за годинава, според државниот Буџет, се проектирани дополнителни вработувања, анализира порталот Призма.

Но, веројатно оваа мала „армија“ луѓе не била доволна, па лани биле ангажирани уште, а за тоа биле исплатени 160 илјади евра.

Сепак, кој и за што бил ангажиран дополнително во Министерството останува тајна, бидејќи сите обиди на БИРН да добие податоци за дополнителните ангажмани останаа безуспешни.

Лани ова Министерство, со кое раководи вицепремиерот Артан Груби, имало вкупен буџет од околу 4 милиони евра, кој годинава е поголем за околу 300 илјади евра.

Тоа е, на пример, приближно четирипати повеќе од буџетот што го имаат Антикорупциската комисија или Финансиската полиција.

Во Министерството, сместено во барокната зграда веднаш до МНР во центарот на Скопје, лани работеле 354 луѓе, а годинава, според предлог-буџетот, таа бројка би можела да се зголеми за уште 69, што значи дека вкупно би работеле 423 лица.

Покрај нив, Министерството плаќа дополнителна работна сила. Имено, само во текот на 2022, во четириесетина наврати, преку две авторски агенции „Артпицк“ и „Лиценца МК 2000“ се исплаќани различни износи: Oд 22 илјади денари до над 300 илјади денари месечно за „други договорни услуги“, што е шифра под која, најчесто, се водат хонорарните ангажмани.

Целиот текст може да се прочита на следниов линк.