Бојан Јовановски познат како Боки 13 ќе биде сослушан од јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кој потоа треба да му реферира на Ислам Абази, шефот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Оваа одлука е донесена откако Боки 13 испрати допис до Абази во кој кажува дека располага со сознанија и докази за сторени кривични дела од високо профилни личности од сферата на политиката, правосудниот систем и бизнис елитата. Од ОЈО ГОКК велат дека е оформен предмет кој веќе е распределен кај јавен обвинител, објави МКД.МК.
„Согласно член 25 од Законот за јавното обвинителство основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и останатите јавни обвинители кои раководат со соодветните обвинителства „ги претставуваат јавните обвинителства, раководат со нивната работа, ги вршат правата и обврските определени со закон и донесуваат годишен распоред за работа на почетокот на секоја календарска година”. Кривичното гонење и понатамошното постапување во предметите го извршуваат избраните или упатените јавните обвинители во ова јавно обвинителство. Согласно ова, Основниот јавен обвинител постапувајќи по дописот оформи предмет кој веќе е распределен на постапување кај јавен обвинител кој е задолжен да го сослуша осуденото лице и врз основа на исказот и материјалните докази што осуденикот ги поседува да му реферира на основниот јавен обвинител и да донесе одлука за понатамошно постапување. Обвинителството ги охрабрува сите кои имаат сознанија и поседуваат докази за сторени кривични дела истите да ги пријават во обвинителствата согласно нивните надлежности”, велат од ОЈО ГОКК.
Во барањето Боки 13 вели дека сака без одложување да ги поднесе кривичните пријави и да ги предаде сите докази со кои располага во форма на аудио снимени разговори, транскрипти и остварени телефонски комуникации во форма на пораки, фотографии и видео записи.
Додава дека во месец јули 2020 година почнал со пријавување и поднесување на кривични пријави на записник, заклучно со месец декември 2020 година пред јавен обвинител и требало да продолжам со поднесување на пријавите, но до ден денес не бил повикан.