Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка известува повеќе од две години во континуитет за огромниот криминал што се случувал во Еуростандард банка под будното око на целиот државен апарат, кој пак гласно молчел. Ниту Управата за финансиска полиција увидела криминални дејствија, ниту пак Управата за финансиско разузнавање приметила нешто. Сепак, пари во банката нема!
Народната банка гласно молчела додека поранешниот генерален директор на Еуростандард банка, Николче Петкоски, му доделил неповратен милионски кредит на неговиот вујко преку фирмата АТВ Зеус. Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска не успеала да го санкционира ниту директорот на експозитурата на Еуростандард банка во Кавадарци кога тој сам на себе си доделил милионски кредит од нашите депозити.
За овој организиран криминал молчи и обвинителството, иако мнозинскиот сопственик на банката Трифун Костовски, изјавува дека таа била неликвидна многу време пред нејзиното затворање. Тој пак, освен што им поделил откази на неговите долгогодишни колеги неполна година пред затворање на банката и декларативно ги обвинува дека го покрале за милионски износи, не покренува никакви постапки против нив. Додека како претстедател на надзорниот одбор на банката одобрувал кредити со високи суми на правни лица кои немале соодветно обезбедување ниту кредитоспособност за враќање на истите.
Господа и госпоѓи во одела, обвинители, истражители. Од затварањето на Еуростандард банка до сега, Светската здраствена организација прогласи крај на пандемијата, а и војната на европскиот континент некако се движи кон крајот. Од она што е јавно познато, криминалот околу Еуростандард банка ја чини државата преку 100 милиони евра до сега.
Се поставува прашањето, до каде е истрагата за организираниот криминал во Еуростандард банка покрената од обвинителството уште во февруари минатата година? Помина долго време во молк на обвинителството додека законските рокови за нивна одлука се поминати. Кога ќе има одговорност?
Дали со вашето непостапување за разрешување на овој криминал во нашата заедничка држава оставате добар пример за младите? Дали имате доволно средства за вие и вашите деца да почнете живот во друга држава, бидејќи овде со нефункционален правосуден и истражен систем сме доведени до крајот на патот? Системот не функционира и за нас, а утре и за вас. Со вашето непостапување нанесувате непоправлива штета кон општеството, системот и младите.
republika.mk