Само 10 отсто од испитаниците сметаат дека земјата се движи во позитивна насока, за македонските граѓани најголем проблем во државата се економијата и намалената стопанска активност, 2/3 од испитаниците не очекуваат сегашниот премиер да донесе подобрувања во економијата, евроскептицизмот е во пораст… ова се дел од резултатите на најновото истражување на МКД.мк кое на 1.200 испитаници го спроведе агенцијата Маркет вижн.
Мал дел од испитаниците, само 10% сметаат дека земјата се движи во позитивна насока.
Половина или 51,1% од испитаниците сметаат дека најголем проблем во државата се економијата и намалената стопанска активност.
Подобрување на животниот стандард очекуваат само 20% од испитаниците, додека речиси ист процент (19,3%) очекуваат сегашниот премиер до крајот на својот мандат да донесе подобрувања во делот на економијата, наспроти две третини од испитаниците кои не очекуваат сегашниот премиер да донесе подобрувања во економијата.
Нефункционирањето на правниот систем, односно криминалот и корупцијата е најчесто посочуван проблем, одговор кој го дале 21,4% од испитаниците.
Само една третина од испитаниците (33,8%) сметаат дека Македонија ќе стане членка на ЕУ, додека повеќе од половина или 55,7% сметаат дека Македонија нема да стане членка на ЕУ.
Позитивен став во врска со уставните измени за запишување на Бугарите во Уставот имаат 20% од испитаниците, додека негативен став имаат приближно половина или 48,7%. Од сите оние испитаници кои немаат позитивен став, 42% би поддржале уставни измени доколку ЕУ даде цврсти гаранции за зачувување на македонскиот јазик и идентитет.
Анкетирањето беше спроведено од 6 до 16 февруари со употреба на CATI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер, на примерок од 1.200 испитаници (статистичка грешка: 3%; интервал на доверба: 95%). Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.
извор: МКД.мк