Маж осуден да и плати 204 илјади евра на жената за чистење по дома

Прашањата за рамноправноста ги повторуваме секоја година на 8.март – Меѓународниот ден на жената. Темата, во ерата кога жените еднакво зарабoтуваат, но ги задржуваат и традиционалните обврски во домаќинството и родителството, останува отворена.

Современата жена и работи, готви, чисти по дома, пере, ги чува децата – и се тоа некако се подразбира како да е нејзина должност и обврска, а не заедничка со партнерот.

Затоа оваа вест доаѓа како нарачана за денот на жената.

Чистењето и одржувањето на домот не е бесплатно. Така одлучил шпански судија во Малга, Шпанија. Тој во пресуда во бракоразводна парница, јасно пресудил дека разведена жена треба да биде компензирана со сума од над 200.000 евра за неплатената домашна работа и нега за време на нејзиниот 25 годишен брак.

Според одлуката, Ивана Морал која има 48 години, ги извршувала сите обврски околу одржувањето на домот, но и семејниот бизнис. Сумата судот ја доделил имајќи ја предвид минималната плата која важела во времето на нивниот брак и досудил дека таа имала право на таа месечна плата за периодот од 25 години. Вкупната сума која мажот треба да и ја исплати како неисплатена плата е 204,624.86 евра.

Во тужбата се барало признавање на таквиот надомест, бидејќи жената „била лишена од секаква можна кариера поради нејзината посветеност на домот и семејството“. Спротивно на тоа, мажот „во текот на годините на бракот го зголемувал својот имот“, а и не сакал неговата жена да работи.

Разведениот пар имал склучено и предбрачен договор според кој немаат заеднички имот туку на чие име е имотот нему му припаѓа. И судот сметал дека тоа е доволен доказ дека мажот се богател, додека жената го одржувала домот. Судот земал во предвид дека екс сопругот изградил успешен бизнис со теретани, си купил Порше Каен, Ровер, скап BMW мотор, како и фарма со маслинки која е проценета на 4 милиони евра.

24sata.hr