Велешанецот кој прегази 11-годишно девојче и избега ја призна вината

Триесетгодишниот велешанец Ангелче Николов, кој возејќи пијан на 17 декември лани во 22:15 часот на пешачки премин ја прегази 11-годишната Магдалена Иванова, која почина на местото на несреќата, а тешко ја повреди нејзината мајка, а потоа избега и два дена се криеше од полицијата, денеска на првото рочиште од судењето во Основниот суд во Велес ја призна вината и му се извини на семејството на девојчето.

-Признавам вина и се каам за стореното дело и му се извинувам на семејството и на јавноста, рече Николов.

Тој побара поблага казна, и додаде дека е свесен за последиците од признанието, добивањето на затворска казна, како и плаќањето оштета и трошоци.

Поради тоа што обвинетиот го призна делото не беа сослушани сведоци.

Неговиот адвокат Андреја Весов не сакаше да ја коментира можната пресуда и пред новинарите изјави дека останува да ја чека пресудата која ќе биде изречена овој петок во 12 часот.

Семејството на 11-годишната Магдалена Иванова која трагично загина во несреќата на 17 декември лани се приклучија на прогонот, но денеска поради голема болка не без присутни на судењето. Според нивниот адвокат не сакале да присуствуваат со што ќе ја продлабочат својата болка.

Инаку, тешката несреќата се случи на 17 декември лани вечерта во 22:15 часот на улицата „Борис Трајковски“ во близина на Основното училиштето „Васил Главинов“ во Велес, каде што учеше и девојчето.

Во тој момент сега обвинетиот Ангелче Николов кој возел со голема брзина не застанал на местото на тешката сообраќајна несреќа туку продолжил да вози. Тој по два дена криење од полицијата сам се пријавил во Полициска станица Велес.

Судијката Габриела Гајдова пресудата за обвинетиот Ангелче Николов ќе ја изрече во петок во 12 часот.

извор: МИА