МНР: Не постоеја индикации за можен напад врз Османи при неговата посета на Молдавија

Не бевме информирани, ниту постоеја индикации за какви било закани или можен напад врз делегацијата на ОБСЕ, ниту кон претседавачот со Организацијата, министерот за надворешни работи Бујар Османи за време на неговата посета на Молдавија, коментираат денеска од МНР по појавените информации во јавноста за можен напад врз делегацијата на ОБСЕ при посетата на Молдавија, предводена од шефот на македонската дипломатија.

Претседавачот, како што наведуваат од МНР, имаше целосна доверба во безбедносните служби на Молдавија и во тамошните власти, кои ја гарантираа неговата безбедност и безбедноста на делегацијата.

– Во рамките на ОБСЕ, посетите на делегациите на Организацијата и посетите од страна на претседавачот предвидуваат посебни безбедносни протоколи кои се во надлежност на земјата домаќин. Реализираните посети на Украина, Молдавија, како и предвидените теренски посети во другите т.н. „загрозени подрачја“ се реализираат со јасна назнака дека се тоа посети на делегацијата на ОБСЕ, што во меѓународните односи се сметаат за посети со зголемен ризик и внимателност, потенцираат од МНР.

Оттаму додаваат дека безбедноста на претставниците на ОБСЕ е од висок приоритет и Организацијата ќе ја продолжи блиската соработка со локалните власти за време на која било посета и на која било локација.

Реакцијата на МНР следи откако молдавски медиуми објавија дека бил избегнат атентат врз министерот Османи за време на неговата посета на Молдавија во својство на претседавач со ОБСЕ.

„Реалитатеа“ објави дека наводниот напад требало да биде изведен со автомобил-бомба, паркиран во близина на замокот Бендер. Според истиот извор, властите во молдавскиот проруски сепаратистички регион Транснистирја (Придњестровје) ја обвиниле украинската безбедносна служба дека е организатор на планот за нападот. Тие дури објавиле и видео запис на кој, според нив, се гледа „агентот“ што требало да го изврши нападот, како ја следи делегацијата на ОБСЕ, предводена од Османи.

Украина категорично ги отфрли обвинувањата дека планирала напад, додека молдавските власти оценија дека се потребни докази за ваквите тврдења, бидејќи она што е презентирано „има шпекулативен карактер и не ги одразува истрагите или потврдните податоци на властите на Република Молдавија“.

извор: МНР