Заеднички заклучоци од дискусии за реформи за зајакнување на интегритетот на изборниот процес

Врз основа на тродневните разговори одржани од 14 до 16 март 2023 год. под покровителство на Националниот демократски институт (НДИ) за подобрување на изборното законодавство, ние присутните политички партии сме согласни околу следните заклучоци:

Во најкус временски период, Министерството за правда ќе подготви официјален пречистен текст на Изборниот законик, кој ќе претставува појдовна точка за понатамошни разговори околу потенцијални измени и дополнувања.

Работната група за подобрување на изборното законодавство ќе се конституира веднаш, и ќе ги вгради техничките препораки на ОБСЕ/ОДИХР.

Изборниот законик треба интегрално да се усогласи со други релевантни закони, во согласност со заложбите на ОБСЕ, меѓународните обврски и добрите практики.
Реформите на изборното законодавство треба да се извршат во јавна постапка, по сеопфатен инклузивен и консултативен процес, во законодавниот дом, и да се обезбеди доволно време пред следните избори, со цел да се гарантира правната сигурност;

Одредбите во Изборниот законик треба да соодветствуваат на функционалноста на Централниот регистар на населението;

На Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупција и Државниот завод за ревизија треба да им се обезбедат соодветни човечки и финансиски ресурси за ефикасно извршување на нивниот мандат за време на изборниот период.

Политичките партии дополнително се согласни околу следните препораки:
Ќе се пристапи кон дискусија за воведување на отворени листи за избор на општински советници за следните локални избори кои е предвидено да се одржат во 2025 година;
Ќе се пристапи кон дискусија за обезбедување на родова еднаквост на листите за избор на пратеници и советници, во сооднос 50:50;

Ќе се пристапи кон дискусија за ревидирање на постојниот начин на избор на пратеници од дијаспората;

Политичките партии ќе работат заеднички со посредство на НДИ и компанијата МЕТА, за да го заштитат онлајн просторот, пред се’ социјалните мрежи во пресрет на следните парламентарни избори. Посебни области на заштита ќе бидат говорот на омраза и заштита од насилство врз жените во политиката.

извор: НДИ