Минатата година, банките во Македонија имале нето-заработка од над 100 милиони евра, само од провизии и надоместоци. Народната банка јавно ќе ги објавува цените на најкористените услуги на сите банки за да може граѓаните да споредат каде е најевтино. Конкуренцијата може да ги бутне цените.
Провизија за плаќање уплатница на шалтер – 50 денари, провизија за водење сметка 40 денари месечно, провизија од 9 денари за трансакција ако ја платите преку електронско банкарство, провизија за друга трансакција – 100 денари, трошок за користење електронско банкарство 35 денари, аплицирање за кредит 600 денари. Овие суми се различни во различни банки.
Минатата година, сите 13 банки во Македонија заедно имале нето-заработка од над 100 милиони евра, само од провизии и надоместоци, покажуваат податоците на Народната банка.
Банките во 2022 година оствариле рекорден профит по оданочување од над 157 милиони евра, што е за 8,5 милиони евра повеќе од претходната година. Од камати заработиле 287 милиони евра, 32 милиони евра повеќе од 2021, а од провизии и надоместоци над 101 милиони евра, што е за 10 милиони евра повеќе од претходната година. Тие остваруваат приходи и од курсни разлики и по останати основи.
Од друга страна имаат расходи за административно работење, плати, амортизација, осигурувања, оштетувања, даноци и други трошоци. На крај остануваат со 157 милиони евра чист ќар.
Само трите најголеми банки – Стопанска, Комерцијална и НЛБ Тутунска оствариле добивка од 117 милиони евра.
Податоците на Народната банка покажуваат дека во изминатите 5 години, банките го зголемиле профитот за 16 отсто, но приходите од провизии и надоместоци се зголемени за скоро 35 проценти.