Eден од дизајнерите на новиот дрес е Мартин Филиповски, едната половина од бендот „Некст Тајм“

Фудбалската федерација на Македонија го промовира новиот дрес на националниот тим, кој ќе го замени веќе долгогодишниот црвен со сонцето на делот каде што се наоѓа срцето.

И новата гарнитура е на сличен принцип, меѓутоа зраците на сонцето започнуваат од средината на дресот и се протегаат кон краевите. Освен црвената и белата комбинација, првпат Македонија ќе има и црна гарнитура на дресови.

Интересно, еден од дизајнерите на новиот дрес е Мартин Филиповски, едната половина од бендот „Некст Тајм“. Скопските музичари во последните години главно работат на преработка на стари песни. Меѓутоа, еден од браќата, поточно Мартин во соработка со Рахила Илиев Младеновиќ го дизајнираше концептот на новата гарнитура дресови.

„Среќен и горд сум што имав прилика да создадам модерен дрес за нашата фудбалска репрезентација. ФФМ, ви благодарам од срце. Фала ти Рахила што заедно направивме убаво дело, заедно сме посилни, да живее Македонија“, напиша Мартин на социјалните мрежи.

Официјалното деби, новиот дрес (веројатно црвениот) ќе го има во натпреварот против Малта в четврток во 20:45 часот, на стартот на квалификацискиот циклус за Европското првенство во 2024 година.

 

 

gol.mk