„Детектор“ анкета: Близу 60 отсто од граѓаните мислат дека Македонија има неквалитетно образование

Близу 60 отсто од граѓаните сметаат дека државава има неквалитетно образование, покажува најновото истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје. Според истражувањето, 57,3 проценти од анкетираните кажале дека образованието не е квалитетно наспроти 35,6 отсто кои се убедени дека има квалитет.

Споредбата со анкетата која ИПИС за Детектор ја спроведе во 2019 година, покажува дека денеска незадоволството на граѓаните од образованието е уште поголемо, имајќи предвид дека бројот на оние кои сметаат дека не е квалитетно скокнал од 51,6 отсто на 57,3 отсто.

Kолку што е повисоко образованието на испитаниците, толку е и поголемо нивното незадоволство. 67,2 проценти од граѓаните со високо образование сметаат дека образованието во земјава не е квалитетно. Слично мислење имаат и оние граѓани кои имаат завршено средно образование: 61,3 проценти сметаат дека имаме неквалитетно образование.

Основното образование заедно со средното е најниско оценето од граѓаните. На скалата од 1 до 5 основното образование има средна оценка 2,65, а средното 2,64. Средната оценка за високото образование е 2,73.

Споредено со анкетата на Детектор од 2019 година, граѓаните на сите нивоа на образованието ги
намалиле оценките. Па така, средната оценка на основното образование од 2,85 паднала на 2,65,
на средното од 2,73 се спуштила на 2,64 а на основното од 2,84 се намалила на 2,73.

Граѓаните се најнезадоволни од квалитетот на учебниците. Дури 64,8 отсто од нив изразиле незадоволство од квалитетот на учебниците додека како задоволни се изјасниле само 19,6 отсто
Од наставните програми, исто така, има големо незадоволство – 56,8 проценти од граѓаните рекле дека не се задоволни наспроти 22,1 отсто кои рекле дека се задоволни. Од наставниот кадар не се задоволни 44,8 проценти од анкетираните додека 36 проценти немаат проблем со наставниците.

Споредено со пред пет години, граѓаните во големо мнозинство сметаат дека денеска имаме полошо образование. 56,3 отсто делат ваков став наспроти 25 отсто кои не гледаат некаква промена.

Само 9,6 проценти од анкетираните велат дека денеска образованието е на повисоко ниво споредено со состојбата од пред пет години. Истото прашање е поставено и на анкетата пред четири години, а тогаш 48,9 отсто сметале дека образованието во последните пет години станало полошо, наспроти 28,8 отсто кои не виделе промени и 18,3 проценти кои тогаш сметале дека образованието е на повисоко ниво споредено со претходните пет години.

Според истражувањето, 49 проценти од анкетираните велат дека квалитетот на образовниот процес во нашата земја во споредба со земјите од регионот е полош. Една четвртина се на став дека е сличен, а само 5,7 проценти сметаат дека Македонија има подобро образование од земјите од регионот.

Детектор укажува дека и тука споредбата со анкетата на ИПИС од 2019 покажува дека перцепциите се влошени. Тогаш, 40,1 процент сметале дека во регионот има подобро образование, близу 30 проценти не нашле некоја разлика а 10,4 проценти сметале дека во државава има поквалитетен образовен процес во однос на земјите од регионот.

Главна причина според граѓаните зошто Македонија се наоѓа на најниските места на светските мерења за квалитетот на образованието е лошата наставна програма, став кој го делат 19,2 проценти од граѓаните. 15,5 проценти сметаат дека главна причина е несоодветниот наставен кадар, 12,7 проценти проблемот го гледаат во неквалитетните учебници, а 11 проценти лошите услови во училиштата, се наведува во заклучокот.

Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена од 28 февруари до 3 март оваа година врз репрезентативен примерок од 1107 испитаници.

фото: Архива