Во периодот од 11 до 25 март годинава, Хеликоптерската единица за полициски намени заедно со Хеликоптерската единица на словенечката полиција (Letalna Policiska Enota) одржа обука за HESLO1, HESLO2 i HFO. Обуките се дел од тековните програми и договори меѓу Одделот за воздухопловни единици на МВР и Хеликоптерската единица на словенечката полиција, кои се одвиваат со континуирана поддршка на полициското аташе при Амбасадата на Република Словенија, Бранко Скрбинек и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски.
Предметните обуки се дел од напредните обуки на Одделот за воздухопловни единици – ХЕПОН, кои претставуваат голем исчекор кон највисоките европски стандарди. Предметните обуки ги завршија успешно 6 пилоти, додека како нов квалитет се 3 нови капетани за ХЕСЛО1/2 и ХФО, кои се очекува значително да придонесат кон докажаните способности на ОВЕ за гаснење на пожари и други тешки подигања на подвесни товари во разни ситуации.
Во истиот период се изведоа и линиски проверки, кои во соработка со нивното АТО ќе послужат за обнова на сите цивилни дозволи на персоналот со што овој Оддел се доближува до крајната цел на МВР, а тоа е целосна сертификација на персоналот согласно европските стандарди. Сите пилоти успешно ги завршија линиските проверки, проверките за инструктор како и за упис на тип на хеликоптер.
Во текот на минатата 2022 година, Одделот за воздухопловни единици има реализирано значителен број на летови од страна на Хеликоптерска единица за полициски намени.
Потраги и спасување по исчезнати лица – 36 летови
Транспорт на болни до медицински установи – 5 летови
Противпожарни летови – 230 летови
Воедно, за потребите на полицијата извршени се 652 летови, како и 212 летови за обуки и проверки, 224 летови за тренажа и 12 летови за одржување.
Хеликоптерската единица за полициски намени, во рамки на МВР постои од 1969 година и е опремена со 3 хеликоптери марка „Бел“. Катастрофалните пожари од 2021 година беа сигнал за МВР да набави најсовремена опрема. Притоа, раководството на МВР и на Одделот за воздухопловни единици ги препозна овие потреби на државата за поуспешно справување со пожарите, а со тоа и подобра заштита на граѓаните и имотот.
извор: МВР