Пендаровски се побуни за зголемените плати овозможени од Уставниот суд

Претседателот на државата Стево Пендаровски во врска со одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, ја повика Владата да се најде законско решение со кое ќе се регулира прашањето преку намалување на бодовите.

– Сметам дека е невкусно во време на економска криза да се покачуваат платите кои се исплаќаат од државниот буџет, изјави за МИА претседателот Пендаровски.

Со одлука на Уставниот суд на 21 март се укинати член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2010) и член 1 од Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“бр.139/2014).

Како што информираа од Уставниот суд, со првата укината одредба е утврдено дека основицата за пресметување на плата на избраните и именуваните лица се применува од јануари 2012 година и е во износ од 25.726 денари, додека со втората укината одредба е предвидено дека платите на избраните лица во 2014 година може да се зголемат за 4 отсто започнувајќи со исплатата на платите во 2014 година.

извор: МИА

фото: Архива