ВМРО ДПМНЕ: За тоа што нема корективни мерки за состојбата во болницата во Битола одговорни се и министерот за здравство и владата, не само директорот

Системски пропусти во Болницата во Битола, каде пред повеќе од 20 дена почина малата Јана и пред четири дена почина новороденче.

Нема разрешница на случаите од стручен аспект, а ДСЗИ и МЗ не одговорија, се вели во објавата на ФБ од Комисија за здравство на ВМРО – ДПМНЕ.

Во објавата од комисијата додаваат:

Кога била последната контрола во Болницата во Битола и што конкретно е утврдено за примената на Законот за евиденции во здравството ?

Колку редовни и вонредни контроли се извршени во ЈЗУ во последнава година, каде се евидентирани неправилности, врз основа на овој или други закони кои се однесуваат на здравствен третман?

Кои се корективните мерки по овие надзори?

Кои мерки ги имаат преземено надлежните институции за заштита на здравјето на трудниците и новороденчињата, посебно во сегментот кој се однесува на лекарски надзор, за да не дојде до вакви немили настани?

Зошто Комитетот за безбедно мајчинство не реагира за аномалиите кои се однесуваат на овој сегмент, следи ли дали има почитување на протоколите за безбедност на мајките и децата и кои мерки и препораки ги презема?

Зошто Министерството за здравство не презема апсолутно ништо за решавање на проблемот со недостиг на кадар во Битолската болница?

Зошто ништо не се презема за лошата инфраструктура и условите за третман на пациентите во Болницата??

Комисијата за здравство на ВМРО смета дека овие системски пропусти, непреземање корективни мерки, со неконтролирање на протоколите за работа во установите, со невработување кадар и неинвестирањето во инфраструктура уште еднаш се потврдува дека одговорноста не може да се лоцира само на директорот на установата, туку и на Министерството за здравство и Владата и затоа сите мора да одговараат.

Бараме транспарентност со стручни факти и аргументи и целосно расчистување на двата немили настани кои се случија за нецел месец во Болницата во Битола пред се заради враќање на довербата во јавно-здравствениот систем и преземање институционални мерки итно и неодложно.

За потсетување во Болницата во Прилеп почина пациентка при рутинска интервенција за која исто така немаше никаква релевантна информација од надлежните институции со што дополнително се придонесува во градењето недоверба кон здравствениот систем и медицинскиот персонал.

извор: Комисија за здравство на ВМРО – ДПМНЕ