На изборите во северно Косово гласаа 3,47 отсто гласачи

0
154

Во четири општини во северно Косово, со мнозинство на српско население денеска се одржaa вонредни локални избори. Oдѕивот на гласањето беше слаб. Од 45 000 гласачи на изборите гласале 1570.

Движењето Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти победи во трката за градоначалници на општините Северна Митровица и Лепосавиќ, додека опозициската Демократската партија на Косово (ДПК), победи во Звечан и Зубин Поток, покажуваат прелиминарните резултати кои ги соопшти Централната изборна комисија по гласањето во четирите општини во северно Косово, објави slobodnaevropa.mk.

Над 45.000 граѓани кои живеат во општините со мнозинство на српско население денеска можеа да го остварат своето право на глас и да изберат градоначалници. Од нив гласале вкупно 1.570 граѓани.

Според резултатите, кандидатот на движењето Самоопределување, Ерден Атиќ освои 66,5 отсто од гласовите или вкупно 519 гласови во Северна Митровица. Лулзим Хетеми од истото движење освои 73,5 отсто од гласовите во Лепосавиќ или вкупно 100 гласови.

Во меѓувреме, во Звечан, Илир Пеци од Демократската партија на Косово освои 60 отсто од гласовите или 114 гласа. Неговиот колега од опозициската партија Измир Зеќири во Зубин Поток доби 52,1 отсто од гласовите или 196 гласа. Независната кандидатка во оваа општина Слаѓана Пантовиќ, која беше единствената српска кандидатка, освои пет гласа или 2,6 отсто.

Централната изборна комисија (ЦИК) соопшти дека на изборите гласале 3,47 отсто од гласачите или 1.567 граѓани.Во општина Лепосавиќ излегле 141 гласач или 1,06 отсто од запишаните избирачи. Во Зубин Поток 385 гласачи или 5,78 отсто. Во Звечан 204 гласачи или 2,92 отсто. Во Северна Митровица 837 гласачи или 4,62 отсто.

Главната српска партија поддржана од Белград, Српска листа ги бојкотираше изборите и ги повика и граѓаните да не гласаат.

Нејзиниот потпретседател Милан Радоичиќ вечерва изјави дека „оние кои мислат дека со еден или два отсто од гласовите можат да ги водат општините на северот, морам да кажам дека српскиот народ никогаш нема да им го дозволи тоа“.

Тој му се заблагодари на локалното население „за докажаниот патриотизам, достоинство, чест и единство“.

Текстот читајте го на: slobodnaevropa.mk.