Денес се навршуваат 118 години од смртта на охридскиот револуционер Христо Узунов

0
211

Христо Димитров Узунов или познат како Арсениј, Арсо, Дуле, Маглата, Ристо, Самуил или Дуле Узунов (Охрид, 22 октомври 1878 – Цер, 24 април 1905) — македонски револуционер, учител, војвода и реонски началник на четите на Македонската револуционерна организација во Охридскиот револуционерен округ. Се школувал во Солун и учествувал во солунските училишни бунтови (1896). Лежел во битолскиот Централен затвор Катилане (1898 и 1902–1903). Од 1903 година бил поставен за главен војвода на охридските револуционерни чети. Учествувал на Смилевскиот конгрес. Во Илинденското востание бил член на Горското началство (Штабот) за Охридскиот револуционерен реон. Учествувал во спасувањето на збегот од Рашанец на ок. 200 семејства. На Прилепскиот конгрес бил избран за секретар и за окружен ревизор на четите на МРО за Охридско, Струшко и Кичевско. Загинал со четата опколен од турска војска.

Христо Узунов е роден на 22 октомври 1878 година во Охрид. Татко му Димитар Узунов бил долгогодишен учител и борец за независна црква, близок и роднина на Григор Прличев, а неговата мајка Анастасија Узунов потекнува од стариот струшки просветистелски род Чакарови, таа е ќерка на Георги Чакаров, и е прва братучетка на Христо Матов и Милан Матов . Христо Узунов, заедно со двајцата свој помали браќа Андон и Ангел (исто така дејци на Македонската револуционерна организација) бил воспитуван од мајка си во патриотиски дух .

По завршувањето на основното училиште во Охрид, учи во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ во 1894-1895. Таму бил привлечен кон идеите на Македонската револуционерна организација од страна на Даме Груев и раководел со училишниот бунт од 1896 година.

Потоа е учител во Охрид. На 5 август 1898 година Методи Патчев, со помош на Христо Узунов и Кирил Прличев, синот на Григор Прличев, во центарот на Охрид го ликвидирал србоманот Димитар Грданов. Христо Узунов, заедно со истомислениците бил уапсен и лежи 9 месеци во затвор. Во периодот помеѓу јануари 1902 година – март 1903 година е повторно затворен во Битолскиот затвор. По излегувањето од затвор го зазема местото на штотуку убиениот охридски војвода Тома Давидов.