Судот на честа при Лекарската комора на денешната седница oдлучи привремено да му ја одземе лиценцата за работа на д-р Ваљтон Дервиши во период од седум години.
„Судот на честа при Лекарската комора на Република Северна Македонија на денешната седница донесе одлука за привремено одземање на лиценцата за работа на д-р Ваљтон Дервиши, специјалист анестезиолог, вработен во ЈЗУ Клиничка болница Тетово. Лиценцата за работа на докторот привремено се одзема за период од 7 години, што согласно правните прописи е максимална казна што може да се изрече за етички прекршок во работењето.
Судот на честа утврди дека докторот сторил повреда на Кодексот на медицинска деонтологија на ЛКРСМ како и Меѓународниот кодекс на медицинска етика“, велат од Лекарската комора.
Оттаму додадаваат дека докторот на медицина својата професија треба да ја врши совесно и одговорно со почитување на човековото достоинство. Тој е должен да ги почитува и штити правата на пациентите и да ја чува нивната доверба и тајност на медицинските податоци. Почитување на етичките норми е најважната основа на која лекарите секојдевно ги практикуваат своите стручни знаења во областа на медицина и ги лекуваат пациентите. И најстручниот лекар не е доволно добар лекар ако не ги почитува етичките норми и правила, објави plusinfo.mk.
– Лекарската комора како професионално здружение на сите доктори на медицина во нашата земја нема да дозволи дигнитетот и угледот на докторите да бидат загрозени од неодговорно однесување на поединци во фелата. Со денешната одлука органите на Комората како легитимни претставници на сите нејзини членови испраќаат порака дека лекарите веруваат во етичките вредности и правила и силно ќе се залагаат за нивно доследно почитување во работата – велат од Комората.
Обвинителен предлог против анестезиологот Ваљтон Дервиши од тетовската болница поднесе Основното јавно обвинителство до Основниот суд во Тетово кој на социјалната мрежа ТикТок снимаше и емитуваше пациенти и медицински персонал.
Тој е обвинет за кривични дела – Несовесно работење во службата како и Неовластено снимање.
– Во спроведената претходна постапка беа прибрани докази кои го поткрепуваат основаното сомнение дека обвинетиот, како службено лице – анестезиолог вработен во ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, на 14 април неовластено направил снимка од пациенти и вработени и ја објавил во живо на социјална мрежа, со што постапил очигледно несовесно во вршењето на своите овластувања и должности и потешко ги повредил нивните права – велат од ОЈО.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Тетово доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице. Инаку веќе неколку дена вработените во тетовската болница функционираат под нови правила за однесување во тетовската болница, но и на социјалните мрежи по скандалот со ТикТок анестезиологот.