Владимир Лазаревски, прв обоист и претседател на Синдикатот на Филхармонија, во своето денешно обраќање на првиот протест на Филхармонија кој денеска се одржа пред зградата на Министерството за култура најави дека доколку одлуката на министерката двата оркестри во зградата да фунционираат како два посебни правни субјекти, нивните протести ќе продолжат се до повлекувањето на одлуката и ќе се интензивираат, објави Република.
-Овој протест денеска го реализиравме откако незадовоството се акомулираше по носењето на одлуката на Владата за вдомување на новоформираниот џез оркестар во просториите на Македонската филхармонија, а кое се наталожи не само поради неоснованото и нетранспарентно носење на одлуката, без да бидеме прашани, без да биде прашана засегнатата страна, Националната институција Македонска филхармонија, но и поради отсуството на разбирање на Министерството за култура за потребите и условите на функционирање на оркестарот на Македонска филхармонија, како најстара културна институција во нашата држава. Имено, откако од медиумите дознавме за владината одлука, односно сфативме дека Министерството за култура се дрзна да донесе одлука за вдомување на џез оркестарот, како новоформирана национална установа, т.е. како посебно правно лице во нашата институција, без консултација со нашата институција, мнозинството од вработените во Македонска филхармонија потпишаа петиција против оваа одлука и истата ја испративме до министерката за култура и до Премиерот. Поради отсуство од реакција, петицијата ја испративме до медиумите за да ја запознаеме јавноста. По ова бевме и повикани од страна на министерката за култура и остваривме средба заедно со претставниците на Здружението на џез музичари. Како резултат на овие дискусии, министерката пројави разбирање за проблемот и вети дека на првата наредна седница на Владата, ќе ја промени одлуката. За жал, министерката не го исполни ветувањето и побара пак средба со целиот оркестар и музичарите на ЗЏМ. Но, поради неисполнување на ветувањето ние ја одбивме таа средба и одлучивме дека е неопходно да ја информираме јавноста за несериозното и непрофесионално работење на Министерството за култура за што и организиравме прес-конференција пред две недели. По прес-конференцијата и по натписите во медиумите остваривме уште две средби со министерката: една со Управниот одбор и една со УО и претставници на синдикатот на кој што министерката и покрај нашите укажувања дека времените одлуки носат трајни проблеми, наместо решение, не отстапи од одлуката за времено вдомување на ЗЏМ, т.е. новиот Национален оркестар за џез во нашите простории. Имајќи го в предвид сето ова неправедно сме ставени во ситуација да се браниме од оние кои треба да ја штитат нашата институција и затоа одлучивме да се спротивставиме преку мирни протести до конечна промена на оваа одлука. И затоа денеска сме собрани да го искажеме нашето незадоволство. Овој протест е само најава, предупредување за протестите кои ќе следуваат од наредната седмица, кои ќе бидат поинтензивни и нема да застанеме и нема да се откажеме се до промена на одлуката, рече Лазаревски.
Интензивирањето на протестите појасни Лазаревски значи секојдневно протестирање преку нивните инструменти пред Владата, пред Министерството за култура…
извор: Република.