Енвер Бегановиќ (52), по потекло од Босна и Херцеговина, кој од Австрија тргна пеш за Мека на пат долг 6.600 километри, пристигна во ирачкиот град Киркук, јавува Анадолу.
Бегановиќ, кој веќе 28 години живее во Австрија, на пат е кон светиот град каде што планира да изврши аџилак, еден од петте темели на исламот, помина десет држави.
На пат тргна на 18 ноември минатата година, а на грб го носи знамето на секоја земја во која бил, меѓу кои Словачка, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Северна Македонија, Грција и Туркије.
„Дојдов до идејата затоа што отсекогаш знаев дека еден муслиман треба еден ден во својот живот да замине на аџилак. Почувствував дека начинот и темпото на живот ме оддалечија далеку од начинот на кој бев воспитан како дете – да верувам во Бог, да му бидам благодарен на Бог. Така ме учеа мајка ми и татко ми“, изјави Бегановиќ за Анадолу.
Како што рече, за време на патувањето од илјадници километри не наишол на никакви проблеми, напротив, добил, како што вели, неочекувана помош и поддршка од луѓето.
„Имав убави средби со луѓето. Никаде не доживеав ништо лошо. Тоа ги надмина сите мои очекувања. Односот на луѓето кон мене, поддршката на луѓето што се запознаа со мојата мисија, низ сите земји низ кои поминав, носам само најдобри впечатоци“, рече Бегановиќ.
Тој вели дека решил да оди на аџилак пеш бидејќи бил спортист и бил навикнат да пешачи на долги растојанија.
Додаде дека за овие месеци при пешачењето до светата земја никогаш не се заморил.
Аџилакот, по шеријатските прописи, е една од петте темелни исламски должности. Секој муслиман што е полнолетен, паметен, имашлив и здрав е должен еднаш во животот да оди на аџилак во Каба, Мека, во Саудиска Арабија, да престојува на Арефат, да ги посети Сафа и Мерва и да изврши други придружни должности.
Извор:Анадолу.
фото:Анадолу.