Селото Јудово се наоѓа во областа Копачка, во јужниот дел на територијата на Општина Кичево, во горното сливно подрачје на реката Треска, а чиј атар се допира со подрачјето на Општина Дебрца. Селото е планинско, на надморска височина од 850 метри. Од градот Кичево е оддалечено 12,5 километри.
Јудово е сместено на границата помеѓу Кичевската Котлина и областа Дебрца. Се наоѓа во горниот дел на долината на Јудовска Река, а во подножјето на планината Голјак. Околни села се Брждани на исток и Турје на југозапад.
Според едно предание, името Јудово го добило поради тоа што селаните од ова село некого предале, како што Јуда го предал Христос, па оттаму потекнува името на селото. Меѓутоа, има и друго предание по кое името Јудово го добило од името на селото Удово кај Дебар, од каде се претпоставува дека дошле првите доселеници во ова село.
Помеѓу двете светски војни, селаните сакале да го променат името на селото и да го именуваат во нивниот основач, Ковачево. Меѓутоа, властите го предложувале името Вирово. На крај, промената не била извршена.