Грк кој е во затвор стана градоначалник на Химара

Прелиминарните резултати од локалните избори во Албанија денеска покажаа дека кандидатот од редовите на грчкото малцинство Дионисиос Алфред Белери, кој е во притвор, победил на изборите за градоначалник во Химара, на југот на земјата, пренесе АП.

Грчкото Министерство за надворешни работи побара итно ослободување на Белери од притвор, навестувајќи дека случајот може негативно да влијае на апликацијата на Албанија за членство во Европската Унија.

Белери бил уапсен од албанската полиција поради купување гласови. Уапсен е кога наводно понудил 360 евра за да купи осум гласови. За истото дело е уапсено уште едно лице, а судот во саботата потврди дека и двајцата ќе останат во притвор.

Белери припаѓа на партијата Унија за човекови права, која ја сочинуваат припадници на грчкото малцинство, но на овие локални избори тој излезе како кандидат на коалицијата која сè уште ја сочинуваат Партијата на слободата на поранешниот претседател Илир Мета и групата која се одвои од Демократската партија.

Белери победил со само 19 гласа повеќе од кандидатот на владејачката Социјалистичка партија на Еди Рама, пренесе „Танјуг“.

На локалните избори во Албанија, според последните податоци објавени од Централната изборна комисија, во повеќето општини води Социјалистичката партија на Албанија, наведува „Албаниан пост“.

Порталот додава дека социјалистите водат и во Тирана, Драч, Скадар и Валона. Во неделата вечерта беше објавено дека Социјалистичката партија, според првичните резултати, победила во три општини каде пребројувањето се вршело по електронски пат – во Вора, Камза и Елбасан.

Рама прогласи победа на неговата партија во 50 општини од 61.

АП

поврзан ЛИНК