Ново барање за воена помош пристигнало од Украина, соопшти денеска министерката за одбрана, Славјанка Петровска одговарајќи на новинарско прашање за време на брифинг со медиумите за претстојната вежба „Брз одговор 23“.
„Пристигнато е ново барање минатата недела. Тоа е класифицирано, од Украинска страна. Се разгледува во Генералштабот, дали и во која мера можеме да одговориме. И, ако добиеме позитивно мислење, ќе ја известиме јавноста, доколку владата донесе дополнителна одлука“, рече Петровска.
Таа додаде дека барањето засега ќе остане класифицирано и истакна дека државата е отворена да ѝ пружи помош на Украина.
„Се разбира, ние сме отворени, сè додека има потреба од поддршка, Република Северна Македонија ќе ја пружи таа поддршка“, рече Петровска.
Донациите што до сега беа испратени во Украина, како што неодамна брифира министерката, се состојат во пешадиско вооружување и муниција, артилериска опрема, тенкови, авионите „сухои“, средства и опрема за водење на противоклопна борба, опрема за противвоздушна одбрана, опрема и муниција на военото воздухопловство, како и интендантски материјални средства.
Со одлука на Владата, во пакетот донации се влезени и 12 борбени хеликоптери.
Министерката рече дека поради заштита на оперативните податоци, не се соопштуваат количините на донираните средства за Украина.