Поранешен израелски војник врати клуч од портата за џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Кудс (Источен Ерусалим), откако го украл пред 56 години, јавува Анадолу.
Одделот за исламски донации на Кудс објави видео во кое се гледа како генералниот директор Шеик Азам Ал-Катиб го прима клучот од човекот Јаир Барак.
Во видеото Барак вели дека бил дел од израелскиот баталјон што се борел на фронтот во Источен Кудс (Ерусалим), додавајќи дека многу од неговите соборци загинале за време на борбите во 1967 година.
„Стигнав до портата Ал-Муграби (западниот коридор на џамијата ‘Ал-Акса’) … и кога погледнав на левата страна, најдов клуч. Не знам зошто ја ставив раката на него и го зедов“, рече тој.
„Го ставив клучот во џеб и оттогаш е кај мене“, додаде тој.
Барак истакна дека по 40, 50 години почнал да се чувствува непријатно што клучот сѐ уште е кај него „едноставно затоа што го украдов и сега решив да го вратам“.
„Сега сум тука. Го вратив клучот што го украдов. Им го вратив на сопствениците и ова треба да го направи и Израел, да им ги врати на Палестинците нивната земја, правата, почитта, независноста, слободата и безбедноста“, порача Барак.
Тој рече дека откако го вратил клучот, почувствувал дека „го направил вистинското нешто.“
Војникот го врати клучот токму на денот кога израелските доселеници заедно со голем број израелски официјални претставници се вклучија во „Маршот на знамето“ за прославување на израелската окупација на Источен Ерусалим од 1967 година.
Коментирајќи го контроверзниот марш, тој рече дека ова е еден од најлошите денови во годината за него, додавајќи дека одамна престанал да го одбележува Денот на знамето.
„Маршот на знамето“ го организираат израелските доселеници секоја година, со цел да го одбележат тоа што тие го нарекуваат обединување на Ерусалим, во врска со израелската окупација на градот во 1967 година.
„Тој ден бев дел од тоа. Посакував да не го сторев тоа, кој го окупира Ерусалим“, рече тој.
Израел го окупира Источен Ерусалим (Источен Кудс) за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Го анектира целиот град во 1980 година, потег што меѓународната заедница никогаш не го призна.
извор:Анадолу.
фото:Анадолу.