РСЕ: Хаос со платите, функционери со над 2 илјади, наставници со 200 евра плата

Владата се фали со зголемувањето на просечната плата, но голем број вработени во јавниот сектор и натаму се на ниво на минималец. Додека платите на функционерите се зголемија за 78 отсто, просветните работници со мал фонд на часови земаат 12.000 денари месечно. Синдикатите велат дека пресметките на платите за функционерите се прави со коефициент, а за работниците со бодови, објави slobodnaevropa.mk.

Иако просечната нето плата во март годинава е зголемена и изнесува 34.925 денари, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), синдикатите реагираат дека над 90 проценти од вработените во администрацијата сè уште заемаат пониски плати, кои во просек се помалку од 23.000 денари. Додека примањата на илјадници работници се на ниво на минималната плата, во меѓувреме платите на функционерите пораснаа за 78 проценти, што е скоро двојно повеќе.

Но Владата се фали дека зголемувањето на просечната плата е поради нејзините „предвидливи и конзистентни“ политики кои овозможиле константно зголемување на животниот стандард. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека просечната нето плата во март се доближила до индексот на трошоците за живот, односно инфлацијата.

„Дополнително креираме нови високо платени работни места, носејќи инвеститори кои воведуваат нови технологии и чии производи и услуги имаат висока додадена вредност, што неодминливо ја зголемува продуктивноста на целокупната домашна економија, а тоа е основниот двигател на растот на платите кои се повеќе и повеќе ќе растат“, изјави Битиќи на 23 мај.

Инфлацијата во Македонија е скоро 20 отсто, додека потрошувачката кошничка изнесува нешто под 50.000 денари. Официјалните податоци покажуваат дека семејство со една просечна и една минимална плата нема доволно пари да ја наполни потрошувачката кошничка.

Текстот во целост на: slobodnaevropa.mk